Жените од руралните средини – тивката сила на македонското земјоделство
Улогата на жената во руралните средини отсекогаш била потценета. Соочени со низа стереотипизации, жените во најголем дел од случаите биле и сè уште се класифицирани како „домаќинки“, но не и како некој кој може да води земјоделско стопанство или да гради успешна бизнис приказна. Дури 70 отсто од руралните жени не се активни на пазарот на трудот поради ангажман во домаќинството и грижата за деца, а 60 отсто од невработените рурални жени вршат неплатена работа на семејните фарми.
Но, работите се менуваат. Сè повеќе жени од руралните средини се охрабруваат да започнат сопствени бизниси, најчесто во сегментот преработки од зеленчук и овошје и производство на мед. Особено е важно, на овој пат на осамостојување, тие да имаат соодветна поддршка. Една од организациите која посветено работи на зајакнување на руралните жени е Националната федерација на фармери (НФФ).
„Во споредба со времето пред 20 или 30 години, состојбата на руралните жени во земјава е подобрена, но и понатаму далеку од она што треба да биде. Денес, многу повеќе рурални жени се активни во процесите на одлучување на фармите и покажуваат силен интерес за учество на едукативни средби и обуки. Дел од нив се охрабрени да започнат сопствени мали бизниси како мали оператори со храна – производство на ајвар, маџун, сокови, мармалади, вино, да станат сопственички на земјоделско земјиште или да се вклучат во одлучувањето во заедницата и да се активни во невладиниот сектор“, вели Билјана Петровска - Митревска, проект менаџерка во Националната федерација на фармери.
Националната федерација на фармери, со поддршка од Сојузна Република Германија преку Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ), во изминатитепет години спроведе неколку значајни иницијативи, насочени кон создавање подобри услови и поголеми можности за руралните жени, малите земјоделци и лицата со попреченост.
„Малите земјоделци, малите оператори за храна и лицата со попреченост во руралните средини претставуваат тивка, но незаменлива сила на нашето земјоделство. Тие се оние кои секојдневно создаваат вредност, но најчесто остануваат невидливи, без доволна поддршка, без соодветен пристап до пазарот и без можност целосно да го покажат својот потенцијал. Затоа, ваквата поддршка е повеќе од проект, тоа е инвестиција во достоинството, економската еднаквост и одржливиот развој на руралните заедници“, потенцира Стеван Орозовиќ, извршен директор на Националната федерација на фармери.
ОБУКИ, ВМРЕЖУВАЊЕ, ПОДДРШКА ЗА ПОЧНУВАЊЕ БИЗНИС
Во периодот од 2021 до 2025 година, се спроведоа повеќе значајни активности, пред сè насочени кон зајакнување на капацитетите на жените од руралните средини за вработување и започнување сопствен бизнис, преку обуки, регионално вмрежување и директна поддршка.
Една од иницијативите кои донесоа највпечатливи резултати е воведувањето на методологијата ProfilePASS преку која вкупно 72 жени од Северна Македонија минаа низ менторски сесии за дефинирање на личните и професионалните цели и ги подобрија своите капацитети за вработување. Се реализираа обуки за личен развој, финансиска писменост и онлајн промоција и продажба.
„Ние сме особено задоволни од исходот на оваа активности, имајќи предвид дека од вкупно 72 жени, 32 веќе презедоа конкретни чекори, отворајќи мали бизниси со посебен фокус на земјоделски преработки и подобрувајќи ја продажбата“, вели Петровска – Митревска.
Дел од овие 32 жени е и 30-годишната Наталија Кировска од Кочани, која одлучи да ја продолжи семејната традиција на одгледување пчели и производство на мед. Како дипломирана економистка, таа планира да ги примени своите претприемачки вештини за да испише ново поглавје од семејната бизнис приказна.
„ProfilePASS ме охрабри да ги препознаам и да ги искористам моите лични вештини и знаења. Ги открив сопствените силни страни во претприемништвото и маркетингот што ме мотивираше да почнам да ја спроведувам мојата бизнис идеја за производство на козметика од пчелни производи во нашата семејна фарма. Оваа идеја првично беше фокус на мојата дипломска работа, но сега сум решена да ја спроведам во пракса“, раскажува Кировска.
Во рамки на соработката со GIZ, НФФ ја воспостави платформата e-farm - прва национална дигитална алатка за мали оператори на храна, со фокус на руралните жени и лицата со попреченост кои живеат во руралните средини. Како дел од оваа активност, во 2023 година се одржа првиот Саем за мали оператори на храна, кој прерасна во традиционален годишен настан на НФФ.
„Овозможивме и директна продажба преку организирање три саеми, на кои присуствуваа 90 учесници, од кои 53 жени, 37 мажи и шест лица со попреченост. На овие саеми се промовираа малите оператори за храна и нивната директна продажба, а индивидуалните приходи се движеа од 10.000 до 60.000 денари по лице на секој саем“, вели Орозовиќ.
ПОСИЛНИ ЖЕНИ – ПОСИЛНА ЕКОНОМИЈА
Националната федерација на фармери, преку соработката со GIZ, се вклучи и во две исклучително важни регионални иницијативи. Првата го отвори прашањето на сопственичките права на жените во руралните средини.
„Само пет отсто од жените од рурални средини поседуваат имот, најчесто наследен по загуба на брачниот другар или во семејства каде што нема машки потомци. Оваа реалност ја ограничува жената во можностите да поседува средства неопходни за водење и развој на сопствен бизнис“, објаснува Петровска – Митревска.
Преку кампањата „Посилни жени – посилна економија (Empowered Women – Empowered Economy)”, значително се зголеми свеста за ова прашање што резултираше сопственоста на земјиштето на жените во земјите од регионот да се зголеми во просек за 20 отсто.
Во 2023 година се реализираше и идејата за регионално обединување на руралните жени. GIZ и WeEffect го поддржаа формирањето Регионална платформа за подобрување на економскиот и социјалниот статус на руралните жени.
„Платформата ја опфаќа соработката помеѓу Северна Македонија, Албанија, Косово, Црна Гора, Србија и Босна и Херцеговина, со цел зајакнување на руралните жени и унапредување на нивната улога во економскиот и општествениот развој. Таа претставува важен чекор кон поинклузивни, посилни и обединети рурални заедници, каде жените имаат централна улога во креирањето на промените“, истакна Петровска – Митревска.
„Руралниот развој не се сведува само на инвестиции во нови технологии, зголемување на продуктивноста и отворање нови пазари. Тој подразбира и создавање рамноправни можности за сите жители на руралните средини и поттикнување одржлив, отпорен и инклузивен раст.
Во изминатата деценија, GIZ поддржа и реализира бројни регионални и национални иницијативи насочени кон јакнење на капацитетите и подобрување на условите за руралните жени, лицата со попреченост и малите земјоделски стопанства. Ваквиот интегриран пристап не е значаен само за индивидуалниот напредок на овие целни групи, туку и за градењето динамични, одржливи и просперитетни рурални заедници, способни да одговорат на економските, еколошките и социјалните предизвици на иднината“, вели Ирена Џимревска, советник во GIZ.
Нема сомнеж дека е неопходно уште многу да се работи за „тивката сила на македонското земјоделство“ да го достигне целиот потенцијал. За постигнување на оваа цел неопходна е директна и континуирана соработка помеѓу надлежните институции на национално, локално ниво, локалните заедници , граѓанскиот сектор и меѓународните поддржувачи.